Јуниорската кошаркарска репрезентација на Македонија забележа убедлив пораз на отварањето на Европското пренство во „Б“ дивизија кое се одржува во Португалија. Од избраниците на Апостоски-Лечиќ подобри беа Британците кои славеа со 68-84.
По грчот на отварањето на натпреварот и негативата од десет разлика (5-15) во првата четвртина, Македонија успеа да го најде ритамот и да ја превземе контролата на натпреварот со што успеа и да поведе со 26-25 во втората четвртина, но „црвено-жолтите“ сепак не успеаја да го задржат иницијативата до самиот крај на првото полувреме.
Серијата од 8-0 ја врати предноста во рацете на Велика Британија, а откако Британците ја задржаа позитивата на полувремето (27-34) одиграа одлично во второто полувреме во кое го полнеа кошот на Македонија, од минута во минута ја зголемуваа предноста па на крајот се радуваа на убедлив триумф кој за нив е втор во групната фаза.
Со 22 поени и 9 скокови Луканоски беше лидер на Македонија, додека него го следеа Шошкиќ со 12 и Јаничиќ со 11 поени. Најрасположен во таборот на Велика Британија беше Дејвис со 19 поени и 7 скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА