Убедлив пораз на младата селекција од Шведска во Битола (ВИДЕО)

Младата репрезентација на Македонија загуби со убедливи 1-4 од Шведска во 5. коло од Групата Е во квалификациите за ЕП, на дуелот кој се игра на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола.

И покрај тоа што избраниците на Горан Станиќ први поведоа со голот на Елези во 12. минута, сепак Швеѓаните со два гола за само една минути, и тоа два наши пропусти во одбраната, дојдоа до целосен пресврт уште во првото полувреме.

Македонија поведе по извонредна акција почната од Данев, преку Трајков, а со нафрлање на Хамза од левата страна и која на феноменален начин ја заокружи Елези со првиот свој гол во седмиот настап за националниот тим. Феноменален гол на Елези кој од прва со волеј удар ја зафати топката по центаршутот на Хамза и ја смести во мрежата од голот на Швеѓаните…

Но, во 32. минута грешка во нашата одбрана и Оморова реализираше за израмнување, а веќе во следната минута истиот играч повторно стрелаше и за водство на Шведска од 1-2.

Во второто полувреме, подобра игра на противникот кој со уште два гола во нашата мрежа дојде и до убедлива победа.

Најпрво Сонко во 60. минута донесе водство на Шведска и од 1-3, а потоа Будри во 79. минута заокружи за конечни 1-4.

Македонија по овој пораз сега е на претпоследната позиција на табелата со само три бода од пет одиграни натпревари во квалификациите.

Се вчитува...