Убедлив пораз од Франција на стартот на ЕП 2022

Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби со 14-24 од Франција во натпревар од 1. коло во групата Ц од Европското првенство.

Главна причина за поразот е слабиот старт на нашите ракометарки во нападот во првите петнаесет минути во кои не успеавме ниту еднаш да ја затресеме мрежата на Клеопатра Дарло.

По неколкуте пропуштени шанси на двете страни, првиот погодок на мечот беше постигнат во третата минута кога Нзе Минко донесе водство од 0-1 за Франција. Македонија седум минути беше без погодок, а по голот на Деуна Зади за 0-3 за Франција, селекторот Љубомир Савевски се одлучи да го побара првиот тајм-аут на натпреварот.

Залуден беше тајм-аутот на селекторот бидејќи и во следните три минути не постигнавме погодок, па по десет минути игра Французинките имаа предност од 4-0. Нашите ракометарки пропуштија некои зицери за постигнување на првиот погодок, па сето тоа резултираше ние и по петнаесет минути игра да имаме на семафорот нула постигнати голови, а Франција да има предност од 0-5.

Првиот погодок за Македонија на шампионатот го постигна Јована Кипријановска која во 16. минута намали на 1-5. До дваесетата нашата репрезентација постигна уште еден гол па резултатот на семафорот беше 2-6 за гостинките. Французинките до паузата само ја зголемија својата предност, па по триесет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 5-12.

Франција за првпат до двоцифрена предност на натпреаврот стигна во 35. минута кога поведе со 15-5. Единствените два погодоци за Македонија на почетокот на вториот дел ги постигна Јована Саздовска, па по 40 минути игра гостинките имаа предност од 7-16. Франција во 52. минута првпат стигна и до плус единаесет 10-21. До крајот избраниците на Крумболц рутински го приведоа мечот за конечни 14-24.

Голманката Јована Мицевска со девет интервенции беше убедливо најдобар поединец во нашата репрезентација, каде Моника Јаневска со пет гола беа најефикасна. Во таборот на Франција Корел Ласурс заврши со четири погодоци.

Се вчитува...