Убедлива победа на МЗТ против Охрид

Македонскиот првак МЗТ Скопје го совлада составот на Охрид со резултат од 77-62, во заостанатиот натпревар од 10. коло во Првата лига на Македонија. „Металци“ имаа контрола врз топката во текот на целата средба, иако резултатски не направија голема разлика, МЗТ во ниту еден момент не дозволи неизвесност. За охриѓани ова е шести пораз во првиот дел од сезоната во македонското првенство.

Потпрени врз квалитетите на Дамјан Стојановски, МЗТ ги освои првите две четвртини со минимални 21-18 и 19-17. Македонскиот репрезентативец на паузата замина со 14 поени, ги одигра сите минути од првиот дел од средбата, додека неговата екипа имаше +5 по 20 минути игра.

Кошаркарите на Жељко Лукајиќ во исто темпо продолжија и во следните два периоди. Кон крајот на третата четвртина стигнаа и до највисоката предност од +10, додека со 18-15 го освоија и претпоследниот период. До крајот на средбата МЗТ постепено ја зголемуваше предноста забележувајќи ја седмата победа во првенството.

Покрај расположениот Дамјан Стојановски (19 поени), Бојан Трајковски и Јордан Минчев додадоа по 15, односно 12 поени. Рос Кенет беше убедливо најефикасниот играч за охриѓани со 25 поени, а Бранко Јаневски  заврши со 11 поени.

 

Се вчитува...