Охрид стигна до важна победа на гостински паркет против Шкупи со 101-80 (27-21, 24-21, 22-17, 28-21). Кошаркарите на Петар Чочоровски доминираа во текот на целата средба освојувајќи ги сите четири периоди, па така го забележаа осмиот триумф сезонава со кој се искачуваат на шестото место на табелата во регуларниот дел од домашниот шампионат. Шкупи и натаму нема рецепт за позитивен исход, чаирчани бројат девет порази на последните десет мечеви.
Со самиот почеток на натпреварот охриѓани презедоа иницијатива и набрзо направија двоцифрена предност, Шкупи успеа да намали на само -4 кон крајот на првиот период при резултат од 25-21, но веќе во продолжението гостите се погрижија водството да остане во нивна корист, при тоа забележувајќи убедлива победа.
Заслужни за големата победа беа Емир Зимиќ и Стефан Глигоријевиќ, кои забележаа дабл-дабл учинок за тимот на Охрид. Зимиќ беше најефикасен кошаркар, со 22 поени и 11 скока, додека Глигоријевиќ запиша 18 поени и 11 скока, а свој придонес имаше и Војче Лефковски со 14 поени. За Шкупи не беа доволни ниту 19 поени на Џордан Рид, како и оние 16 поени на Џонатан Догбо, за екипата од Чаир да избегне уште еден пораз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА