Убедливи победи на Алкалоид и Гамбит Асеко на стартот на Купот на европските шампиони во шах

Убедливи победи на македонските екипи Алкалоид и Гамбит Асеко во 1. коло на Купот на европските шампиони кој се одржува во Струга а на кој учествуваат 38 екипи.

Алкалоид, кој е и прв фаворит за титулата, во првата рунда натпревари без поголеми проблеми славеше со 5-1 против шведскиот шампион Лундс. Победи на првите пет табли извојуваа Мамедјаров, Шанкланд, Криворучко, Инаркиев и Предке а единствено македонскиот ИМ Филип Панчевски загуби на шестата табла.

Гамбит Асеко, пак, со 5,5-0,5 триумфираше против ВАСА. Ремизираше единствено Златков на петтата табла, а победија молдавскиот ВМ Неведничи на првата табла како и Николовски, Ристевски, Подлесник и Андоновски.

Од останатите македонски екипи, Прилеп со 4-2 го победи австриски Рапид, а Гостивар загуби убедливо со 0,5-5,5 од германски Рајхен.

Во денешното второ коло, Алкалоид ќе се соочи со српскиот Словен Рума, додека Гамбит Асеко го чека тешка задача против израелскиот шампион Бер Шева. Прилеп е на мегдан со еден од кандидатите и за титула, норвешки Оферспил.

Во 1. коло на женскиот турнир, пак, Алкалоид загуби со 1,5-2,5 од словенечки Тајфун Љубљана. Женската екипа на Куманово триумфираше со 2,5-1,5 против уште една македонска екипа, ШК Центар. На женскиот турнир од Купот на европските шампион учествуваат осум екипи.

Се вчитува...