Женската ракометна репрезентација на Македонија со убедлива победа против Азербејџан со 41-22 ги отвори квалификациите за пласман во баражот за СП 2019 што се одржуваат во Скопје. Македонските ракометарки ја оправда фаворитската улога во овој дуел и за само пет минути го скршија отпорот на противничките и ја осигураа победата и ја забележаа најубедливата победа во овој состав.
Со серија од 5-1, избраничките на селекторот Симе Симовски уште во 11.минута се одлепија на 8-3, а потоа константно ја зголемуваа предноста. Во овој дел од натпреварот добро функционираше одбраната на македонската репрезентација, а расположена на голот беше и Матеја Серафимова која со пет успешни интервенции ги остави ракометарките на Азербејџан без погодок цели 12 минути.
Во втората четвртина од натпреварот, репрезентацијата на Азербејџан постигна само три гола. На другата страна, Македонија ефикасно ја казнуваше секоја грешка на противникот и ја зголемуваше позитивата.
Со погодокот на Сара Ристовска од контра за 16-6, македонската репрезентација прв пат дојде до двоцифрена предност. Малку потоа македонските ракометарки стигнаа и до највисока разлика од +11 поведувајќи со 18-7, а на одмор замина со 18-8 и практично веќе обезбедена победа.
Во ист ритам продолжи и второто полувреме во кое Македонија ја задржа доминацијата и ја зголемуваше преднсота. Со трите гола во серија на Сара Ристовска, македонските ракометарки дојдоа на +12 (24-12) во 39.минута, а три минути подоцна разликата се искачи на 14 гола (27-14).
Границата од 30 гола, македонските ракометарки ја надминаа на стартот од последната четвртина во која влегоа со предност од 30-16, а на шест минути до крај со погодокот на Леонида Гичевска предноста беше зголемена на + 20 (37-17). Единствена неизвесност до крај беше само разликата со која Македонија ќе го заврши овој прв дуел во квалификациската група.
Најефикасна во македонската репрезентација беше Сара Ристовска со 11 гола, а кај Азербејџан нападот го предводеше Марина Танкаскаја со шест гола.
Во вториот натпревар вечерва (20 ч.) во оваа група играат Исланд и Турција.
Македонија, утре со почеток во 18 часот, ќе ги одмери силите со селекцијата на Исланд, а во последниот меч в недела (20 ч.) ќе игра против Турција. Првопласираната репрезентација во групата обезбедува место во јунскиот бараж за СП 2019 во Јапонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА