МЗТ Скопје и Работнички вечерва (20.15 часот, СЦ „Јане Сандански“) излегуваат на мегдан во првата меѓусебна пресметка по ланското финале од плејофот, во кое аеродромци ќе имаат можност да му се реваншираат на вечниот ривал за загубената круна. Сезоната е долга, двата скопски клубови се главни фаворити за пласман во финалето, а денешниот дуел ќе ја покаже и почетната слика за односот на силите на теренот. Навидум, во предност треба да е МЗТ поради фактот дека веќе е целосно екипиран со четири странци, додека Работнички ја стартуваше сезоната со Чавдар Костов како единствен странски кошаркар, со простор за дополнување на ростерот во пресрет на Супер-лигата.
Ѓорѓи Кочов ја доврши ланската сезона заменувајќи го Лукајиќ на кормилото, па младиот стратег со наследен тим не успеа да ја одбрани титулата. Управата на МЗТ повлече вистински потег давајќи му шанса да остане во текот на летото, па Кочов сега добива нова шанса за пресметка со Марин Докузовски, кој воедно е и стратег што прв му даде шанса на поранешниот плејмејкер на почетокот од неговата кариера.
„Кога зборуваме за мојот кошаркарски пат, тука Марин Докузовски игра многу значајна улога бидејќи тој е тренерот што на 15-годишна возраст ми даде шанса да заиграм на сениорско ниво. Тој веруваше во мене, набрзо потоа замина со ангажман во странство, но добро ги паметам неговите совети кои ми послужија и во натамошниот дел од кариерата. Тој отсекогаш настојуваше да се работи интензивно на тренинзите, тоа го задржа низ годините одржувајќи високо ниво на игра на своите екипи“ – вели Кочов.
Тренерот на МЗТ Скопје посочува и на кои две работи Докузовски секогаш обрнувал максимално внимание.
„Агресивност во одбраната и „пик ен рол“ во нападот – тоа се двете работи на кои Докузовски секогаш инсистираше и тоа воопшто не е променето. Тоа е стилот што му има донесено успех и што се уште е заштитен знак на овој трофеен тренер“ – коментира Ѓорѓи Кочов.
Марин Докузовски има само пофални зборови за својот денешен противник, на кого гледа како на еден од најперспективните македонски тренери.
„Од првиот момент кога го видов беше јасно колку е посветен Кочов на кошарката, како тренер му дадов шанса и тој ја искористи. И по завршувањето на кариерата тој продолжи со напорна работа, сега на стручен план и сосема оправдано важи за еден од најдобрите млади стратези во нашата држава. Квалитетната работа придонесе МЗТ иако има послаби индивидуалци, сепак да делува многу подобро како екипа. Неговата желба за напредок е очигледна и ќе му помогне се повеќе да се развива, можеби на моменти му недостига искуство, но тоа доаѓа само по себе со време и натпревари. Јас не се сомневам дека Кочов ќе прерасне во врвен стратег, мило ми е што МЗТ и во раната фаза од неговата тренерска кариера му даде шанса да ги покаже своите квалитети“ – истакнува Докузовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА