Фенербахче уште повеќе се зацврсти на првото место на евролигашката табела откако вечерва во дербито на колото славеше над ЦСКА Москва со 79-75. Жељко Обрадовиќ ја доби битка со својот долгогодишен ученик Итудис, и тоа со голем пресврт во второто полувреме по војната што се водеше на теренот, како и тактичкото надмудрување на двајцата врвни стратези.
ЦСКА целосно доминираше во првото полувреме, а тројката на Гудуриќ со која Фенер со звукот на сирената намали на 36-48 беше само најави за возбудувањата во преостанатите 20 минути од овој дерби-дуел. Фенербахче извонредно ја стартуваше третата четвртина во која гостите од Русија речиси шест минути беа без постигнати поени, а турскиот првак со серија од 16-0 го сврте резултатот во своја полза. ЦСКА сепак се разбуди и повторно влезе во серија, но кога беше најважно одбраната на Фенербахче беше на највисоко можно ниво.
Така, по водството на рускиот гигант од 67-74, во последните пет минути избраниците на Итудис постигнаа само еден единствен поен, а Фенербахче знаеше како да го искористи тоа за да стигне до победата. Клучен играч беше Датоме, кој најпрвин го погоди шутот за 77-75, а потоа при последниот напад имаше офанзивен скок со кој му овозможи на Слукас од линијата за слободни фрлања да стави печат на победата.
Весели оствари дабл-дабл од 19 поени и 10 скокови, Гудуриќ беше стрелец на 15 поени за победничкиот тим, додека Клибурн беше најефикасен со 17 поени во таборот на ЦСКА Москва.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА