Жељко Обрадовиќ се соочува со сериозен проблем откако тренерот на Фенербахче остана без помошта на еден од клучните кошаркари. Станува збор за Јан Весели, кој мора да замине на операција на коленото, поради што чешкиот центар ќе паузира најмалку 40 дена од кошаркарските терени.
Фенербахче моментно е лидер во Евролигата, но ќе има тешка задача да остане на врвот на табелата во ситуација кога нема да може да смета на својот клучен играч во рекетот за дуелите со Баерн, Панатинаикос, Дарушафака, Ефес и Реал Мадрид.
Единствена среќна околност е што Весели би требало да биде 100% подготвен за четвртфиналните пресметки од Евролигата, кога ќе стартуваат и клучни битки за тронот на европската кошарка.
Чешкиот центар сезонава во просек минува по 27 минути по натпревар во Евролигата, постигнувајќи 14,4 поени, 5,6 скокови и 2,6 асистенции по натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА