Дидие Дешамп се соочува со огромен проблем во пресрет на големото финале против Аргентина, откако Оливие Жиру заработи незгодна повреда поради која е неизвесен за настап на утрешниот меч за титулата.
Голгетерот на Милан денеска не тренираше, а според француските медиуми причината е повреда, а не грип како дел од останатите „триколори“ кои во изминатите денови беа надвор од тренажен процес. Жиру чувствува болка, сака да игра без оглед на повредата, но се поизвесно е дека тој финалето ќе го стартува од клупата за резерви. Според најавите од францускиот табор, неговото место ќе го заземе Маркос Турам, кој ќе стартува на левата крилна позиција, додека Мбапе ќе се префрли централно во навалната линија на „триколорите“.
Проблем плус за Дешамп е што денеска не тренираше ниту Рафаел Варан, кој се уште е болен, но добра вест за Французите е што на тренинзите се приклучија Упамекано и Конате, кои поради вирус неколку дена не му беа на располагање на стручниот штаб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА