УЕФА денеска ги објави најновите казни поврзани со прекршување на финансискиот ферплеј, при што најлошо од сите мина Челси. Лондонскиот премиерлигаш потроши над една милијарда фунти откако Американецот Тод Боели го презеде клубот од Роман Абрамович, плаќајќи богатство за фудбалери кои се далеку од светска класа.
Големите расходи и прекршувањето на финансискиот ферплеј придонесе Челси да биде санкциониран со 20 милиони евра парична казна. Покрај тоа, „сините“ се казнети и условно – со дополнителни 60 милиони евра доколку во наредните четири години целосно не го покријат минусот во своето работење.
Барселона исто така е жестоко казнета, па каталонскиот гигант ќе мора да издвои 15 милиони евра како казна кон УЕФА, а санкциониран е и француски Лион, и тоа со 12,5 милиони евра.
Од клубовите во регионот, објавено е дека на листата казнети екипи се наоѓа и хрватскиот прволигаш Хајдук, кој ќе треба да издвои 300.000 евра на име казна за прекршувањето на строгите правила на УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

