УЕФА ги казни Баерн Минхен и Бенфика

Дисциплинската комисија на Европската фудбалска унија (УЕФА) ги казни Баерн и Бенфика поради однесувањето на навивачите.

Баерн е казнет со вкупно 61.750 евра за инцидентите во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите на домашен терен против Баер Леверкузен, а Бенфика со 35.000 евра поради проблемите на домашниот дуел со Барселона, исто така во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите.

„Баерн е казнет со 50.000 евра и делумно затворање на стадионот (сектори од 111 до 114) за време на првиот следен натпревар од УЕФА клупско натпреварување во кој ФК Баерн Минхен ќе игра како домаќин, поради палење огномет, за фрлање предмети, како и дополнителни 7.000 евра за блокирање јавни премини“, се вели во соопштението на УЕФА.

Европското фудбалско тело ја објасни и казната за клубот од Лисабон.

„Бенфика е казнета со 35.000 евра поради употреба на пиротехнички средства од страна на навивачите на натпреварот против Барселона одигран минатата недела. Покрај паричната казна, телото нареди и делумно затворање на стадионот „Да Луж“ за следниот европски натпревар“, се вели во соопштението.

Се вчитува...