УЕФА ги казни и помилуваните, се чекаат драстични санкции за Реал, Барса и за Јувентус

УЕФА вечерва им изрече санкции на девет од дванаесетте клубови кои беа дел од Суперлигата, екипи кои во меѓувреме го откажаа учеството од новоформираното натпреварување.

Европската куќа на фудбалот ги објави казните за овие клубови, кои јавно ја прифаќаат вината за вмешаноста во Суперлигата, се обврзуваат што поскоро да ја напуштат заедничката компанија што требаше да раководи со ова натпреварување, но и ќе мора да исплатат парична казна. Овие девет екипи (Ливерпул, Челси, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Арсенал, Тотенхем, Милан, Интер и Атлетико Мадрид) ќе треба да соберат вкупно пет милиони евра, пари што ќе бидат инвестиран за развој на младинскиот фудбал ширум Европа, а згора на тоа ќе им бидат запрени и пет проценти од профитот што ќе го заработат од настапот во европските купови.

Јас и претходно реков дека само моќни организации можат јавно да прифатат дека донеле погрешна одлука и истата да ја променат. Со овие одлуки и дефинитивно го оставаме зад себе овој турбулентен период. Сакам да потенцирам дека сите финансии што ќе се соберат од деветте клуба нема да ги задржи УЕФА, туку веднаш ќе се реинвестираат за младинскиот фудбал“, изјави Александар Чеферин.

Воедно, претседателот на УЕФА објави дека преостанатите три клубови кои се уште се немаат откажано од проектот Суперлига на Европа ќе бидат предадени на дисциплинските тела. Според првичните најави, овие три гиганти, Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, може да заработат суспензија од најмалку една година од сите натпреварувања под капата на УЕФА, што би значело дека овие тимови во следната сезона не би се натпреварувале во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...