УЕФА експресно ја казни Фудбалската Федерација на Романија за случувањата на дуелот со Косово кој беше прекинат поради скандирањата „Косово е Србија“, како провокација на домашните навивачи до гостинската селекција. Косовските фудбалери по 15 минути игра го напуштија теренот, а мечот по подолгиот прекин беше продолжен, но јасно беше дека Романците ќе бидат санкционирани за однесувањето на своите навивачи.
Иако гостите бараа службена победа и жестока казна, УЕФА се реши само за парична казна и затворање на стадионот за наредниот домашен натпревар на романската репрезентација. Конкретно, Романците ќе треба да платат 52.000 евра, но и следниот домашен дуел со Андора на 15 октомври да го играат пред празни трибини.
Романските фудбалери ќе бидат бодрени од деца од предучилишна и од училишна возраст на трибините, а на секои десет деца дозволено е присуство на едно возрасно лице како надзор за малолетниците.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА