Европската куќа на фудбалот на следниот состанок на Извршниот одбор планира промена и на критериумите и условите за пласман на ЕП и за репрезентациите до 21 година.
На ЕП 2021, покрај домаќините Словенија и Унгарија, место треба да има и за девет победници од квалификациските групи, најдобрата второпласирана селекција како и четири победници од баражите меѓу преостанатите осум второпласирани репрезентации.
Сепак, согласно последните најави од Нион бараж пресметките би можеле да бидат укинати, а на Европското првенство да се пласираат, покрај домаќините и победниците од квалификациските групи, директно најдобрите пет второпласирани селекции.
Младата репрезентација на Македонија во квалификациите за ЕП е во група со Шпанија, Израел, Казахстан, Црна Гора и Фарските острови. По четири одиграни натпревари избраниците на Благоја Милевски се на делба на третото место во групата со 7 бода, а на само еден бод минус од вторпласираниот Израел.
Одлуката пет најдобри второпласирани репрезентации директно да обезбедат место на ЕП носи нешто потежок пат за младите репрезентативци за кои, во еден таков случај, нема да биде доволно само второто место како надеж за ЕП, но неопходен ќе биде што подобар резултатски скор компариран со останатите осум второпласирани репрезентации. Ако веќе е јасно дека Шпанија е неприкосновена на првата позиција во квалификациската група.
Состанокот на челниците на УЕФА е закажан за 17. јуни кога треба да биде потврден календарот и форматот на сите натпреварувања под капата на Европската куќа на фудбалот. На 17. јуни треба да следи и одлуката за датумот на полуфиналниот бараж натпревар од Лигата на нациите меѓу сениорските репрезентации на Македонија и Косово. Според најавите, истиот би требало да се игра во октомври оваа година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА