УЕФА и ФИФА преку официјален допис до Фудбалската федерација на Македонија бараат итен избор на нов претседател на ФФМ, по оставката на Илчо Ѓорѓиоски, без никакво непотребно одолговлекување и влегување во неизвесен „вакуум простор“.
Како што дознаваме, од канцеларијата на УЕФА и ФИФА се испратени дописи во кои категорично се наведува почитувањето на Статутот на ФФМ, а преку тоа и на интернационалните фудбалски институции, при изборот на новиот претседател. Во дописот се наведува дека е неопходно новиот претседател да биде избран на закажаното Собрание на 1. септември без притоа непотребни одолговлекувања.
‘Долготрајна обезглавеност на ФФМ може да значи и целосна суспензија за македонскиот фудбал’ – е наведено во дописот од УЕФА.
А, како што е познато, до предвидениот рок поднесени се четири кандидатури за избор на нов претседател. Вујадин Станојковиќ, Сашо Тасев, Харалампие Хаџи-Ристески и Влатко Костов се впуштаат во трка за нов прв човек на ФФМ. Комисијата за избор и верификација на ФФМ ќе заседава денеска и утре по што и официјално ќе биде познато кој од наведените ги исполнува условите за кандидатура, па кој и дефинитивно на 1. септември пред делегатите на ФФМ ќе се кандидира за нов претседател.
Согласно Статутот на ФФМ на Изборното Собрание на 1. септември членови ќе бидат актуелните делегати кои се со мандат од 2017 до 2021 година.
Токму актуелните делегати во највисокиот орган на ФФМ, избрани претходно од општинските фудбалски сојузи, ќе го избираат претседателот на ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА