УЕФА подели рекордни 233 милиони евра на вкупно 901 клуб од 55 различни држави, за пуштање на фудбалерите за настапи за своите репрезентации за натпреварувањата под УЕФА од 2020 до 2024 година.
Најмногу до сите заработи Реал Мадрид, вкупно 4,79 милиони евра, пред Интер со 4,65 милиони евра, а мал дел од овој огромен „колач“ заврши и кај македонските клубови.
Имено, официјалните информации говорат дека од сметката на УЕФА ќе легнат вкупно 150.019 евра, од кои ќе се офајдат седум македонски екипи. Најголем дел од нив ќе завршат на сметката на Шкендија (65.862 евра), зад тетовци се наоѓа Работнички со 25.613 евра, па Академија Пандев со 21.954 евра, Вардар ќе добие 14.636 евра од УЕФА, додека по идентични 7.318 евра ќе заврѓат на сметките на Силекс, Шкупи и на Македонија ЃП.
Фактот дека фудбалерите од нашата лига не настапуваат за националните селекции е главна причина за ваквите минимални суми (само за споредба, англискиот десеттолигаш Јоркшир има идентична заработка како и Шкупи, Силекс и Македонија ЃП).
За споредба, клубовите во Малта ќе поделат 1.240.000 евра, а од Сан Марино дури 995.000 евра. Соседна Србија го има истиот проблем како и ние, па поради огромниот број интернационалци, а мал број играчи од домашната лига во репрезентацијата, Србите добија вкупно 620.000 евра од УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА