Помалку од 24 часа по дебаклот во Атина, навивачите на Милан добија одлична вест откако беше обелоденета одлуката за казната од страна на УЕФА за непочитување на финансискиот ферплеј. Во изминатиот период се шпекулираше со исклучување од европските купови најмалку една сезона, како и за забрана за трансфери во наредните два преодни рока, но европската куќа на фудбалот сепак се „смилува“ на „росонерите“.
Изречената казна изнесува 12 милиони евра, плус намалување на бројот на играчи што Милан би можел да ги пријави за европските купови за наредната сезона, од 25 на 21 фудбалер кои ќе можат да се најдат на „европскиот список“ на „росонерите“.
Воедно, италијанскиот гигант ќе мора да се држи под строги препораки околу буџетските ограничувања за на било каков начин да не биде повторен овој престап. Ако препораките не бидат почитувани, Милан ќе биде казнет со исфрлање од европските натпреварувања.
Факт е дека „росонерите“ мора да бидат задоволни од ваквиот развој на настаните, а УЕФА со оваа одлука му излезе во пресрет на новото раководство на клубот, со оглед на фактот дека финансискиот ферплеј беше прекршуван од претходните кинески газди, кои во меѓувреме го загубија клубот од американскиот конзорциум „Елиот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА