Во баражот за пласман на Светското првенство 2026, како што е познато, ќе се најдат 12 второпласирани селекции од регуларните квалификации и четири селекции од Лигата на нации кои ќе разигруваат најпрво во полуфинална пресметка од плеј-оф, а потоа и во финале од баражот ќе ги дадат последните четири селекции од Европа кои ќе учествуваат на Мундијалот во САД, Канада и Мексико следната година.
По завршувањето на октомврискиот прозорец многу работи се појасни околу директниот пласман и баражите, а веќе се насетува дека УЕФА може да биде во сериозни проблеми околу баражите.
Триумфот на Косово против Шведска на гостински терен од 0-1 донесе дополнителни калкулации во Групата Б, и сега Косово е блиску исто така до бараж.
Македонија, согласно моменталната табела, има бараж како второпласирана во својата квалификациска група, а во тој случај Велс влегува преку Лигата на нации. Ако, пак, на крајот Велс биде второпласиран во квалификациската група, Македонија има гарантиран бараж преку Лигата на нациите. Па, токму реми или триумф со Велс во последното коло од квалификациите во Кардиф (и второ место во групата) на Македонија и е неопходен за место во третиот шешир пред ждрепката за баражот, и можност за нешто полесен противник од вториот шешир во полуфиналето на плеј-офот за СП 2026.
Според моменталната проекција за бараж, доколку Македонија се избори преку ЛН, шеширите изгледаат вака:
Шешир 1: Италија, Украина, Турција, Полска
Шешир 2: Велс, Унгарија, Шкотска, Чешка
Шешир 3: Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Словачка
Шешир 4: Романија, МАКЕДОНИЈА, Северна Ирска, Молдавија
КАКО СРБИЈА И БИХ БИ СЕ НАШЛЕ ЕДНА ПРОТИВ ДРУГА ВО БАРАЖОТ ЗА СП 2026!?
Па, доколку Македонија избори бараж преку Лигата на нации, како противници во полуфиналето на баражот за СП, според актуелната ситуација, би добила на ждрепката една од овие селекции: Италија, Украина, Турција или Полска. Во случај, пак, да завршиме како второпласирани во квалификациите пред Велс, и со обезбеден трет шешир пред ждрепката, тогаш би имале противници како Унгарија, Шкотска, Чешка…
Секако, ова се само дел од пресметките, бидејќи сè може апсолутно да се промени во ноември. Според проекциите на УЕФА во ноември, дури 25 репрезентации имаат одредени проценти на шанси да се најдат во плејофот, и преку квалификациите и преку пласманот од Лигата на нации во сезоната 2024/2025.
Но, една комбинација околу тој кој со кого би можел во баражот, може да и зададе огромни главоболки на УЕФА. Постои процентуална можност, иако само теоретска, УЕФА да не може да ги избегне Србија и Босна и Херцеговина во баражот.
Ако БиХ заврши второпласирана во својата група, а Србија на крај заврши пред Албанија е исто така втора во групата, настанува тотален хаос.
Во тој случај, третиот шешир од баражот би изгледал: Словачка, Косово, Босна и Херцеговина, Чешка, а во вториот шешир, со оглед на тоа што шеширите се одбираат преку ФИФА листата, во тие пресметки, Србија би била во вториот шешир заедно со Унгарија, Шкотска и Велс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

