Речиси ниту едно коло во европските фудбалски купови не може да мине без делегирање од страна на комисиите на УЕФА на претставници од Фудбалската федерација на Македонија.
Низ неделата која измина прв на европската сцена се појави менаџерот за фудбал, Жарко Игњатовски, кој на 20 февруари беше организациски директор на реванш-мечот од Лига на Европа во Чешка меѓу Викторија Плзен и Ференцварош од Будимпешта. Победи убедливо Викторија Плзен со 3-0 и во осминафиналето ќе игра со италијански Лацио. Интересно е дека низ актуелнава сезона Игњатовски беше шести пат организациски директор на натпреварите на Викторија Плзен како домаќин.
Раководителот за безбедност и интегритет во ФФМ, Роберт Марковиќ имаше тешка задача на 21 февруари бидејќи во Љубљана се грижеше за безбедноста на исклучително тензичниот натпревар во Конферециската лига меѓу Олимпија и Борац Бања Лука кој заврши без победник, 0-0. Во текот на дуелот се случија и нереди на трибините кои беше успешно смирени. Во првиот меч победи Борац со 1-0, и ќе игра во наредното коло против Рапид од Виена.
Нашата најдобра судијка, интернационалката Ива Пројковска истиот ден во ноќниот термин беше главен судија на мечот од Лигата на нации за жени меѓу Португалија и Англија кој заврши без победник, 1-1. И помагаа Сташа Спур од Словенија и Бјанка Очоа Фернандез. Четврти судија беше Марјан Дејановски.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

