Европската куќа на фудбалот ги демантира вчерашните информации на дел од европските медиуми дека планира укинување на квалификациите за двете европски клупски натпреварувања ова лето. Тоа ќе значеше и сезона без Европа за македонските клубови.
Но, УЕФА негира дека во овој момент се размислува за укинување или промена на форматот на квалификациите за Лигата на шампионите и Лигата на Европа.
„Воопшто нема опција да им го укинеме патот на пооделни национални шампиони кон Европа. УЕФА моментално го прати развојот на случувањата и секое потенцијално влијание на форматот на натпреварувањата за следната сезона. До денес нема потреба од некоја посебна можност за нов формат во квалификациите за европските клупски натпреварувања“ – се вели во соопштението од УЕФА.
Наредниве денови, најдоцна во текот на следната недела, се очекува и Фудбалската федерација на Македонија, согласно препораките од Министерството за здравство, да одлучи околу судбината на сезоната во домашните клупски натпреварувања, по што ќе бидат познати и македонските партиципиенти ова лето на европска сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

