УЕФА: Нема Евро 2021 без публика, градовите – домаќини мора да понудат гаранција за полни трибини

Градовите-домаќини од УЕФА добија насока да размислуваат за организација со минимум 20 отсто од капацитетот до 30 отсто, а некои градови и повеќе, ако постои таква можност, но и оправданост од епидемиолошките служби во земјава. Од Лондон веќе најавија дека со добриот тек на вакцинација во Велика Британија може дури да гарантираат финале на „Вембли“ со полн капациет од 90.000 гледачи.

Според многу европски медиуми, УЕФА наводно поставила ултиматум до 12-те градови домаќини да успеат да обезбедат најмалу 20 отсто гледачи на стадионот на кој би требало да се играат натпреварите од ЕП, а до 7 април сите градови да дадат гаранции дека можат да го реализираат овој план.

Првиот човек на шкотската федерација, Јан Максвел не потврди дали постои таков ултиматум, но посочи дека нема да биде изненаден ако „Хампден Парк“ извиси за организација ако не се обезбеди барем 20 отсто од капацитетот да биде исполнет со публика. Сепак, Максвел посочува дека во моментов, а ниту за еден месец, нема да може со сигурност да гарантираат такво нешто.

„Ние навистина ќе работиме напорно на комплетната организација, мпжеби во моментов не сме на точка на која може ‘Хампден’ да извиси, ама ако не можеме да гарантираме нешто, а тоа го можат Вембли, Баку, Букурешт или некој друг град, нема да ме изненади и да извисиме за организацијата. Сепак, УЕФА е таа што треба да донесе одлука“, вели Максвел.

Од Романија веќе дојде најавата дека државните власти веќе гарантираат 25 отсто од капацитетот на Националната Арена во Букурешт, или околу 12.000 гледачи на трибините на мечевите, на кои ќе дебитира Македонија на ЕП и тоа со Австрија на 13 јуни и со Украина на 17 јуни. За потсетување, третиот меч на црвено-жолтите е на 21 јуни во Амстердам против репрезентацијата на Холандија.

Се вчитува...