УЕФА објави колку заработи Шпанија за триумфот на ЕВРО 2024

Седум натпревари, седум победи, од кои една по продолженија од 15 минути против Германија и ниту една со помош на пенал-рулетот. Тоа е ефектот на шпанската фудбалска репрезентација на ЕВРО 2024, со што „црвената фурија“ апсолутно заслужено се закити со трофејот на овој континентален собир, четврта европска фудбалска круна во историјата на оваа земја.

Според информациите од УЕФА, заработката на Шпанија од овој импресивен настап е огромни 28,5 милиони евра кои ќе завршат на сметката на Шпанската Фудбалска Федерација. Имено, тоа е максималниот износ што можеше да го добие било која репрезентацјиана ова првенство, а Шпанците го освоија бидејќи го завршија шампионатот без пораз.

Самиот пласман на ЕВРО 2024 им донесе на сите репрезентации по 9,25 милиони евра, а за трите победи во групната фаза следеше бонус од три милиони евра. Пласманот во осминафиналето донесе премија од дополнителни 1,5 милиони евра, победата во тој меч дополнителни 2,5 милиони евра.

Учеството во полуфиналето на ЕВРО 2024 значеше и четири милиони евра приход за Шпанците, а победата во големото финале уште осум милиони евра.

Според договорот постигнат пред почетокот на европскиот шампионат, фудбалерите и стручниот штаб имаа загарантирани 30% од приходите на федерацијата од УЕФА, бројка што се зголеми на 40% поради големиот успех и златниот медал.

Се вчитува...