Фудбалот е во комплетна изолација поради пандемијата на коронавирусот, а УЕФА ќе препорача националните првенства во Европа да продолжат на 16 мај. Тоа е првата и најоптимистична опција, се разбира, доколку тоа го дозволи ситуацијата со Covid-19 во секоја земја одделно. УЕФА за попладнево закажа видео конференција со претставниците на сите 55 членки, по што треба да се донесат некои важни одлуки во врска со завршувањето на сезоните на националните првенства, како и на европските купови. Ќе се дискутира и за прашања како што се платите на играчите и трансфер периодот ова лето.
Има уште две опции за продолжување на лигите, за сезоната да не биде пропадната. Втората е шампионатите да продолжат кон крајот на мај и почетокот на јуни, а последната варијанта е натпреварувањата да продолжат најдоцна до 21 јуни.
Се очекува УЕФА да постави краен рок за завршување на фудбалскиот календар во Европа на 31 јули. Дотогаш ќе треба да се одиграат сите натпревари во националните првенства и да се утврдат учесниците во европските купови за следната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА