Европската куќа на фудбалот (УЕФА) размислува да го помести Европското првенство 2020 во декември, а дотогаш да има доволно време, откако ќе се надминат проблемите во Европа и во светот со коронавирусот, да завршат тековните натпреварувачки шампионати. За да нема предвремено прогласување на шампиони и можеби нереални одлуки кои клубови би требало да обезбедат опстанок или да испаднат од лигата, УЕФА сака да даде можност сите првенства да се доиграат во нормален колосек, а така не би имало и преголеми финансиски загуби по сите основи, билети, спонзори, реклами, ТВ права.
Се би било поместено до септември или октомври, а откако ќе завршат натпреварувачките сезони, репрезентативните селекции би добиле доволен период за да се подготват за настап на ЕВРО 2020. Очекувањата се дека секако фудбалот во Европа нема да може да продолжи пред крајот на јуни. Ова значи дека ќе биде прескокнат и летниот преоден рок. Се разбира, дури по одржувањето на ЕП 2020 ќе се размислува како да се скрати вакуумот за да стартува и наредната натпреварувачка сезона.
Во ваков случај, плејоф натпреварите од Лигата на нации би се играле кон крајот на септември или почетокот на октомври. Тоа значи дека и за нас еден од најважните мечеви, Македонија – Косово, би се одиграл во тој период, исто како и финалниот плејоф меч за пласман на Европското првенство, со победникот од дуелот меѓу Грузија и Белорусија.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин во вторник преку видео конференциска врска ќе одржи состаноци со претставниците на ЕКА (Асоцијацијата на европски клубови), со претседателите на сите 55 членки на Европската куќа на фудбалот, со првите луѓе на 32-те најквалитетни фудбалски лиги во Европа, како и со членовите на Извршниот комитет на УЕФА. Потоа ќе бидат донесени и конечните одлуки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА