УЕФА: Разврска во „групата на смртта“ – Англија, Македонија, Италија и Украина веќе играат Европско првенство!

И Европската куќа на фудбалот (УЕФА) сосема очекувано ја издвојува Групата Ц во квалификациите за ЕП 2024, во која е и македонската репрезентација, како најинтересна група во овој квалификациски циклус.

Во „групата на смртта“, и според УЕФА, сега следи разврската во која Италија, Македонија и Украина ќе се борат за втората позиција на табелата која води во Германија следната година.

„Англија, Македонија, Италија и Украина веќе играат Европско првенство. Овој нивни квалификациски циклус е на рамниште на Европско првенство. Впрочем, сите четири селекции беа учесници на претходниот ЕВРО-шампионат 2020, од кои Англија и Италија играа и во финалето кое го добија ‘нераѕурите’, а Македонија и Украина беа заедно на ЕП 2020 во иста група. Ваква квалификациска група од поодамна немало на Стариот континент“ – е европскиот осврт во очекување на денешните два натпревари од Групата Ц.

Посебно клучен е натпреварот во Прага меѓу Украина и Македонија…

„Ќе биде интересно во Прага. Украина досега има четири победи на исто толку официјални натпревари против Македонија. Но, Украина претходно има играно во Прага во 2011 година кога во квалификациите загуби од Чешка дури со 4-0“ – пишува официјалната интернет страница на УЕФА.

Македонија, и во една ваква квалификациска група, во која има дури четири репрезентации кои играле на претходното европско првенство, со позитивен резултат денеска во Прага може да остане до крај во битката за позиција која води на ЕВРО 2024. Во ноемвриските средби против Италија и Англија тогаш ќе ја бара шансата за повторно место меѓу најдобрите на Стариот континент.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024, ГРУПА „Ц“ (6. КОЛО)

Прага (15 ч.): УКРАИНА – МАКЕДОНИЈА

Бари (20:45 ч.): ИТАЛИЈА – МАЛТА

Се вчитува...