Дисциплинската комисија на Европската фудбалска федерација го регистрираше натпреварот од последното коло во Лигата на нации меѓу Швајцарија и Украина со победа од 3-0 за Швајцарците. Овој натпревар не беше одигран поради големиот број случаи на коронавирус во редовите на украинската репрезентација, поради кои здравствените власти во Луцерн го сместија гостинскиот состав во самоизолација.
Службената победа за Швајцарија значеше и опстанок на оваа репрезентација во елитната група А, а отпаѓање за Украина во понизок ранг. Двете репрезентации се изедначени на табелата со по шест бода, па одлучува меѓусебниот скор. Во првиот натпревар одигран во Украина домашениот тим славеше со 2-1, а предноста на швајцарската репрезентација е во оваа службена победа.
Како потсетување, УЕФА и двете репрезентации беа спремни да го одиграат овој натпревар, но забраната од локалните власти го оневозможи истото.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА