Раководството на УЕФА во текот на следната седмица ќе има нов состанок со челниците на националните федерации, со цел и дефинитивно да се утврди календарот за натпреварување во домашните првенства, но и за завршницата од европските купови. „Скај Спортс Италија“ од добро упатени извори го обелодени системот за натпреварување што УЕФА ќе го предложи, со кој ќе се остави националните лиги да се завршат во месеците јуни и јули, по што нокат-фазата од ЛШ и од ЛЕ ќе се игра во август.
Планот на Чеферин и неговите соработници е на 7/8 август да се играат реваншите од преостанатите осминафинални пресметки, Ман. Сити – Реал Мадрид, Барселона – Наполи, Баерн М. – Челси, Јувентус – Лион. Веднаш потоа, на 11/12 август би се играле првите четвртфинални средби од ЛШ, а само три дена подоцна на програмата би биле реваншите. Распоредот би бил неверојатно збиен, па полуфиналните дуели би биле на програмата на 18/19 август, со реванши на 21/22 август. Според планот, финалето ќе остане во Истанбул, а датумот за негово одржување ќе биде 29 август. Доколку овој план биде изгласан, новата сезона од ЛШ ќе почне на 20 октомври.
На 2/3 август би почнале и натпреварувањата во Лигата на Европа, со дуелите Севилја – Рома и Интер – Хетафе, кои беа одложени. Потоа би следеле низа натпревари на секои три/четири дена, за финалето да се игра на 27 август во Гдањск.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА