УЕФА воведува построга контрола во финансиското работење на клубовите, стратегија која треба да ги заузда најголемите трошаџии на трансфер пазарот. Според информации од состанокот на Извршниот комитет на УЕФА одржан вчера во Киев, веќе нема да може да се прават мегатрансфери од типот на оној на Нејмар во ПСЖ. Како примери за исклучително лошо влијание биле земени и трансферите на Фелипе Кутињо, на Осман Дембеле и на Килијан Мбапе.
Еден од главните заклучоци од состанокот е дека веќе нема да бидат дозволени буџетски неправилности и дисбаланс во сметките поголеми од 100 милиони евра. Ако се случи некој клуб да има минимум 100 милиони евра разлика меѓу приходите и расходите, ќе следуваат сериозни казни, а би можело да дојде и до исклучување од европските натпреварувања.
Во центарот на вниманието токму поради ваков проблем, денове е Милан кому УЕФА му го одби барањето за репрограмирање на долговите.
Веќе нема да може ниту да се прават „финти“ како онаа на Маначестер сити кој купува играч, а потоа го проследува во филијалата Њујорк Сити. Ваквите трансфери веднаш ќе влегуваат во буџетот на клубот кој што го довел фудбалерот. Ова би можело да го погоди Челси, кој е познат по тоа што испраќа играчи низ разни краеви на Европа.
Клубовите исто така нема да можат однапред да си ги калкулираат во буџетите добивките од настапите во Лигата на шампионите и во УЕФА Европа лигата.
УЕФА воведува и обврска за поголема транспарентост. Клубовите ќе мораат да ги објавуваат и бројки на трнасферите. Пред се ова се однесува на процентите кои што ги добиваат агентите, потоа провизиите како и останатите клаузули во договорите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА