Супервизијата на Европската куќа на фудбалот даде максимално позитивна оценка за организацијата на синоќешниот квалификациски натпревар меѓу Македонија и Шпанија кој претставуваше еден вид финален тест околу подготвеноста за организација на Суперкупот 2017!
УЕФА даде позитивни оценки, од неколку аспекти, околу организацијата на дуелот со Шпанците од страна на ФФМ, на кој беа внесени бројни новини досега неимплементирани на фудбалски натпревари кај нас. За првпат, под посебни безбедносни контроли беше овозможен пристапот до нашиот најголем стадион, отворени се новите паркинг капицетите околу арената, а беа во ставени во функција и нови просторни капацитети за ВИП личностите и медиумите.
Иако е јасно дека пропустите при самата изградба на националната арена, како што се несоодветните пристапни влезови и простории за ТВ екипите, но и импровизирана микс-зона, не овозможуваат идеални услови кога е во прашање организацијата на врвни европски натпревари, сепак реализиран е максимумот да се биде повеќе од добар домаќин на оваа категорија натпревари. Оставени се и мали забелешки кои мора да се корегираат до 8. август кога треба да се одржи УЕФА Суперкупот 2017.
Инаку, утре од 18 часот, УЕФА заедно со претставници на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед ќе одржат прес-конференција во Скопје како најава за Суперкупот кој не очекува во август. На прес-конференцијата треба да бидат соопштени и цените на билетите за спектаклот на 8. август како и начинот на кој ќе може да се аплицира за истите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА