Сериозни забелешки од страна на делегатот на УЕФА се внесени во финалниот извештај околу организацијата на натпреварот меѓу Вардар и Малме на стадионот „Младост“ во Струмица од 2. квалификациско коло за Лигата на шампионите. Па, македонскиот шампион според најавите ќе биде предаден на Дисциплинската комисија на УЕФА.
Како што дознаваме, на хартија се ставени случувањата уште пред почетокот на натпреварот кога на централната трибина се случи мал инцидент меѓу дел од навивачите и редарските служби а забележан е и напад со тврди предмети на гостинските навивачи…
Во извештајот се внесени пропустите околу безбедноста на стадионот за време на натпреварот, скандирањата од страна на вардаровите навивачи, истакнатиот транспарент со напис „УЕФА мафија“, како и употребата на пиротехничките средства на почетокот од второто полувреме од кои беше повреден и еден фоторепортер покрај аут линијата поради што интервенираше и лекарскиот тим на Вардар.
Сепак, најголемите пропусти, според УЕФА, се во централната ложа на стадионот „Младост“ и агресивноста на дел од домашните навивачи кои лесно се надвиснуваа на просторот над тунелот за влез во соблекувалните. Пред се, непосакуваната беше ситуацијата на полувремето кога со штит мораше главниот судија да биде внесуван во службените простории поради непосредната можност за напад од трибините.
Натпреварот меѓу Вардар и Малме беше надгледуван и од контролори на УЕФА околу можноста за одигрување на квалификацискиот натпревар меѓу Македонија и Албанија во септември. И, токму бројните негативни случувања на трибините, според УЕФА, сериозно го отвораат прашањето дали реално може соодветно безбедно да биде организиран еден таков тензичен натпревар на стадионот „Младост“ во Струмица!?
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА