Украина го зеде последниот билет, Шведска си оди дома

Украина е последниот четвртфиналист на ЕВРО 2020 откако избраниците на Андриј Шевченко по огромна битка славеа над Шведска со 2-1, во меч што беше решен со продолженија од двапати по 15 минути. Довбик беше стрелец на единствениот погодок во 121. минута од средбата, ставајќи крај на овој супердраматичен дуел што Швеѓаните го завршија со играч помалку поради црвениот картон за Даниелсон за бруталниот старт во текот на првото продолжение. Украина за ривал во четвртфиналето ќе ја има селекцијата на Англија.

Дуелот почна со тактичко надмудрување на двете страни, а Украина поведе користејќи ја првата шанса на мечот. Зинченко се најде осамен на десетина метри откосо од левата страна, по што асот на Манчестер Сити со силен удар го матираше шведскиот голман. Очекувано, скандинавските фудбалери потоа тргнаа во офанзива, се почесто се селеа во противничкиот шеснаесетник, а ваквиот пристап им овозможи уште пред крајот на полувремето да стигнат до израмнување, со голот на Форсберг во 43. минута.

Првиот дел од второто полувреме донесе максимално интересен фудбал, најпрвин Украинците го погодија дирекот, а потоа Форсберг имаше два одлични шута на спротивната страна, првиот заврши во дирекот, вториот во гредата од голот на Украиа. Последната шанса во 90. минута ја имаше Кулушевски, но асот на Јуве не ја исконтролира најдобро топката и противничките дефанзивци ја отстранија опасноста.

Продолженијата ги одбележа бруталниот старт на Даниелсон, кој со отворен ѓон го удри во пределот на коленото Беседин, нанесувајќи му тешка повреда, за што шведскиот дефанзивец доби заслужен црвен картон. Мечот беше мирен до самиот крај, а тогаш во 121. минута Украина стигна до посакуваната шанса, Зинченко нафрли од левата страна, а Довбик се најде осамен на петерецот и со прецизен удар со глава донесе огромна радост кај селекторот Шевченко и неговите избраници.

Се вчитува...