Украинската тенисерка Елина Свитолина, некогаш трета на светската ранг-листа, одлучи да ја заврши сезоната порано за да се фокусира на своето ментално здравје, бидејќи не е во „вистинската емоционална состојба“ за да продолжи.
Свитолина, која се врати на теренот во 2023 година по породилното отсуство, оваа сезона стигна до четвртфиналето на Австралија Опен и Ролан Гарос, но беше поразена во третото коло на Вимблдон и елиминирана во првото коло на САД Опен.
Моментално е рангирана на 13-то место на ВТА ранг-листата, а таа ѝ помогна на Украина да стигне до полуфиналето на Купот „Били Џин Кинг“, каде што беше поразена во три сета од Јасмин Паолини минатата недела.
„Во последно време не се чувствувам добро. Не сум во вистинска емоционална состојба и не се чувствувам подготвена да играм, па затоа ја завршувам сезоната тука“, напиша Свитолина на Инстаграм.
„Со текот на годините, научив дека во овој спорт не се работи за пари, слава или рангирање – туку за тоа да бидеш спремен да се бориш и да дадеш сè од себе. Едноставно, не сум ментално или емоционално подготвена за тоа во моментов. Си давам простор што ми е потребен за да се излекувам и да се наполнам со енергија, наместо да се туркам себеси. Ќе се вратам на теренот кога ќе бидам подготвена“, додаде таа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

