Украинците без Буиненко на мегдан со Македонија

Украина ќе биде ослабена за претстојниот квалификациски натпревар против Македонија в четврток откако селекторот Виталиј Андронов обелодени дека десниот бек Евгениј Буиненко не успеал да ја санира повредата што го мачеше во изминатиот период.

„Се обидовме да го оспособиме, но не успеавме. Буиненко воопшто не допатува со тимот во Суми и ќе ги пропушти преостанатите две квалификациски средби. Жуков, кој се жалеше на повреда пред натпреварите со Белорусија, би требало да биде фит за настап“ – изјави украинскиот селектор.

Буиненко, кој е член на Мотор Запорожје, настапува на позицијата десен бек и важи за значаен играч во одбранбената зона на Украинците. Тој постигна еден гол на гостувањето во Скопје против Македонија, но затоа беше стрелец на три погодоци за Украина при победата на домашен терен над Исланд.

Украинската селекција како дел од подготовките за дуелот со Македонија одигра две контролни средби со Белорусија во Минск, на првата славејќи со 32-31, додека на вториот меч Украина претрпе пораз од 24-21.

Се вчитува...