Сулејман Ал Фахим беше сопственик на Портсмут само шест недели, но тоа фудбалско задоволство на крај скапо го платил.
Во историјата на англискиот фудбал Ал Фахим ќе остане запаметен како човек кој во најкраток период бил на чело на тогашниот прволигаш Портсмут, а светот ќе го памети и како „папучар“ и не многу интелигентна личност.
Зад претседателствувањето на Сулејман Ал Фахим во Портсмут се крие една интересна приказна. Тој за да го купи англискиот клуб во 2009 година украл пет милиони фунти од својата сопруга, а тој непромислен потег за кратко фудбалско задоволство на крајот го плати со затворска казна. Деновиве Ал Фахим во Обединетите Арапски Емирати е осуден на пет години затвор поради тој чин.
Краткорочниот сопственик на Портсмут во целата акција имал и свој помошник во банката кој исто така заработил пет години затвор. Целата измама е откриена кога сопругата на Ал Фахим видела дека на сметката ги нема парите што ги очекувала од некоја деловна зделка. Таа ја контактирала банката во која „соработникот“ на Ал Фахим бил еден од раководителите, па успевал да го одолговлекува процесот. Но, сопругата дошла лично во банката и тогаш и кажале дека на сметката нема пари. Жената пријавила во полиција и после целиот случај завршил на суд, а сопственикот на Портсмут во затвор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА