Трите порази во низа во Премиер-лигата сериозно ги намалија шансите на Арсенал во битката за Лигата на шампионите, истовремено и ги налутија челниците на клубот. Раководството на „топчиите“ испратило и јасна порака до менаџерот Унаи Емери, да не се надева на значителен буџет во летниот преоден рок доколку не успее да избори лондонскиот клуб да се врати во елитното европско натпреварување.
„Има две опции за Емери, трансфер-буџет од над 100 милиони фунти ако влезе во ЛШ или скромни 40 милиони фунти ако не успее да ја оствари зацртаната цел. Тој би ги користел и парите од продажба на фудбалерите во текот на летото, но проблем е што Арсенал нема играчи со превисока вредност чиј трансфер Емери би можел добро да го наплати. Рамзи заминува како слободен фудбалер, додека Озил никој не го сака поради превисоката плата што ја зема“ – информираат британските медиуми блиски до управата на Арсенал.
Арсенал моментно се наоѓа на петтото место на премиерлигашката табела, но Емери има и „план Б“ за влез во Лигата на шампионите, за што неопходно ќе му биде да стигне до пехарот во Лигата на Европа. „Топчиите“ се наоѓаат во полуфиналето од ова натпреварување, каде за ривал ќе ја имаат Валенсија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА