Пол Погба ќе мора да го подобри своето однесување на теренот и да почне целосно да ги исполнува тактичките замисли на Жозе Мурињо, во спротивно ќе биде принуден да си замине од Манчестер јунајтед. Ова го тврди британскиот весник „Индепендент“, повикувајќи се на извори од управата на клубот, според кои директорите целосно застанале на страната на Мурињо во тивката војна што „специјалниот“ ја води со најскапиот фудбалер на „Олд трафорд“.
Општо мислење во управата е дека Погба мора да биде благодарен што Мурињо го донесе назад во Манчестер, плаќајќи за него рекордна сума на Јувентус пред две години. Португалецот потпиша нов договор до 2020 година и сигурно ќе има целосна слобода во формирање на тимот за следната сезона, па пораката до Погба е јасна – или да почне да го слуша тренерот, или да си ги пакува куферите.
До крајот на сезонава има уште два месеци, во кои францускиот ас ќе треба да се наметне кај „специјалниот“, или во спротивно да си бара нов клуб. Тоа сигурно нема да му биде проблем, Јувентус сака да го врати во своите редови, како опција се споменува и Реал Мадрид, но ниту еден од овие два клуба не би платил 120 милиони евра, колку што Јунајтед потроши за да го доведе Погба во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА