Уметниците на Станојковиќ во жестока битка за место на ЕП: Летонија мора да падне!

Репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 19 години со натпреварот против Летонија денеска од 14 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје ги почнува елитните квалификации за пласман на Европското првенство кое во јули ќе се одржи во Финска.

Извонредната генерација предводена од селекторот Вујадин Станојковиќ ја очекува повеќе од тешка задача за место на ЕП во групата во која покрај Македонија и Летонија се и бранителот на европската круна во оваа старосна конкуренција, Англија, како и селекцијата на Унгарија. А, единствено првопласираната репрезентација во групата ќе се најде на Европското првенство.

 

Но, една од најдобрите генерации на македонскиот фудбал во историјата носена на крилјата на Елмас, Чурлинов, Митревски, Фазлагиќ, Тодоровски, Трајановски… и тоа како носи во себе квалитет за максимално надигрување со сите противници.

„Очекувам навистина добри игри на нашата селекција во овие квалификации. Верувам во овие момчиња кои на претходните натпревари против Белгија и Швајцарија го докажаа својот европски квалитет. Сега треба само уште еднаш да одиграат најдобро што можат, за да докажат дека претходните победи не биле случајност. Јасно е дека Англија е голем фаворит во оваа група. Ќе биде многу тешко да обезбедиме пласман на ЕП во една ваква конкуренција, но верувајте борбата ќе биде до последниот атом“ – вели селекторот Вујадин Станојковиќ пред почетокот на турнирот.

Токму затоа репрезентативците очекуваат и поддршка од навивачите уште на денешниот прв меч против Летонија од 14 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“. Вториот меч е против Унгарија на 24. март, а последниот го играме против Англија на 27. март.

Се вчитува...