Германија рутински ја одработе задачата на гостувањето во Зеница, славејќи со 1-2 над селекцијата на БиХ. Бројните откажувања не се покажаа како проблем за селекторот Нагелсман, а шансата максимално ја искористи Денис Ундав. Голгетерот на Штутгарт блесна со два погодоци во првото полувреме, носејќи предност од 0-2. Ундав во вториот дел постигна и гол за хет-трик што беше поништен со ВАР, по што домаќините преку Един Џеко успеаја само да го ублажат поразот.
Интересно беше во Будимпешта, каде Унгарија долго време имаше водство против Холандија, за на крајот овој дуел да заврши без победник, 1-1. Она што е интересно, при 1-0 за противникот „лалињата“ останаа без капитенот Ван Дајк поради црвен картон, но избраниците на Куман и со играч помалку стигнаа до израмнувачки погодок преку Дамфрис.
Чешка со двата гола на Чори триумфираше на домашен терен против Албанија со 2-0, додека Мудрик беше херојот на Украина, постигнувајќи го единствениот гол во триумфот од 1-0 над Грузија.
Кавечи со гол во 69. минута донесе радост на Турција за минимална победа над Црна Гора (1-0), а возбудливо беше и во Братислава, каде Словачка се врати од два гола негатива и преку Стрелец спаси бод против Шведска (2-2).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА