Рома ги задржува своите најперспективни фудбалери, па по Николо Заниоло денеска нов договор со „римската волчица“ потпиша и Ченгиз Ундер. Турскиот интернационалец пристигна на „Олимпико“ во 2017 година и веднаш се наметна во дресот на Рома, на 65 натпревари постигнувајќи 14 погодоци. Тој летово беше поврзуван и со трансфер во Баерн Минхен и во Арсенал, но римјаните успешно ги финишираа преговорите за продолжување на соработката со него, потпишувајќи нов договор со важност до 2023 година.
Со новиот договор, платата на турскиот репрезентативец ќе порасне од еден милион евра годишно на 2,5 милиони евра по сезона.
„Од моментот кога дојдов овде пред две години, се вљубив во градот и во клубот. Чест ми е за укажаната доверба, пресреќен сум што денеска потпишувам долгогодишен договор со овој клуб“ – изјави Ундер.
Болна точка за Рома останува навалната линија, за која мора да се најде решение до крајот на преодниот рок. Един Џеко е многу блиску до преселба во Интер, а „волчицата“ би можел да ја напушти и Патрик Шик. Главна желба на римскиот клуб беше Игуаин, кој одби да дојде на „Олимпико“. Сега Рома се обидува да го доведе и Мауро Икарди, но шансите се мали, а како опција се споменува и Батшуаи од Челси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

