Унгарија е хит, Англија испадна од Лигата на Нации

Унгарија продолжи со сензационалните резултати во најтешката група од Лигата на Нации, откако оваа селекција славеше на гостински терен над Германија со 0-1, зацврстувајќи се на првото место. Салаи беше стрелец на единствениот погодок со велемајсторски удар по корнерот што го изведоа гостите, по што Унгарија знаеше како да ја издржи иницијативата на противникот.

Германците одиграа катастрофално прво полувреме, во вториот дел во игра влегоа и Мусиала, Хаверц и дефанзивецот Керер, но и покрај зголемениот посед на топката не успеаја да ја затресат мрежата на голманот Гулаши. Напротив, Унгарија имаше две стопроцентни шанси за втор гол на мечот, но Тер Штеген спречи уште поголем срам на Германците во Лајпциг.

Англија е најголемото разочарување во оваа група откако „гордиот албион“ загуби со 1-0 на гостувањето во Италија, уште на едно коло до крајот губејќи ги сите шанси за опстанок во елитното друштво од Лигата на Нации. Распадори го постигна единствениот гол на мечот за „аѕурите“, кои имаат осум бода, два помалку од лидерот Унгарија во пресрет на гостувањето во Будимпешта кое ќе реши која од овие две селекции ќе се пласира на завршниот турнир од Лигата на Нации.

Босна и Херцеговина во екс-ју пресметката славеше над Црна Гора со 1-0 со голот што во финишот од првото полувреме го постигна Ермедин Демировиќ.

Се вчитува...