Машката младинска ракометна репрезентација на Македонија денеска (14 ч.) го игра последниот натпревар на СП (У21) во Алжир. Во натпреварот за 5.место, Македонија ќе игра против селекцијата на Унгарија.
За македонските ракометари ова е девети натпревар на мундијалот на кој избраниците на селекторот Илија Темелковски постигнаа историски успех со пласманот меѓу првите шест. Македонија има пет победи и три порази до овој завршен дуел на СП. Во вчерашниот натпревар за пласман, македонските ракометари беа супериорни и по втор пат на шампионатот ја победија Русија (36-27) што им донесе меч за 5.место.
„Одигравме осум натпревар, ни преостанува уште овој дуел со Унгарија. Ова е одлично СП за нас и ќе дадеме се од себе настапот да го завршиме со победа. Унгарија има силна репрезентација која покажа дека има квалитет, но и ние покажавме дека можеме да одиграме на врвно ново“ – истакнаува селекторот Илија Темелковски.
Репрезентацијата на Унгарија, во првата фаза на СП заврши на третото место во групата А, зад Германија и Норвешка, со три победи и два порази од овие две селекции. Во осминафиналето, Унгарците по продолженија славеа минимална победа против Словенија (26-25), а потоа во четвртфиналето, исто така во продолженија беа минимално поразени од Шпанија (30-29). Во разигрувањето за пласман Унгарија го победи Тунис со 34-30.
Прв стрелец во унгарскиот состав е левиот бек на Веспрем, Матијас Ѓери кој има постигнато вкупно 47 гола на претходните осум натпревари и е на четвртото место на листата на најдобрите стрелци на СП во Алжир. Покрај Ѓери, уште осум младински репрезентативци во составот на Унгарија, доаѓаат од школата на Веспрем.
На завршниот ден од СП (У21) во Алжир во натпреварот за 7.место играат Русија и Тунис, а по нашиот меч за 5.место, следуваат натпреварите за поделба на медалите. За 3.место ќе играат Франција (16.30 ч.), а потоа е финалето меѓу Данска и Шпанија (19 ч.)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА