Унгарскиот репрезентативец Варга не се сеќава на ништо, мора да биде опериран

Репрезентативецот на Унгарија, Барнабас Варга на натпреварот против Шкотска заработи тешка повреда откако во 68. минута во судар со противничкиот голман Ган доби удар со лакт во лицето.

На Варга мораше да му биде укажана медицинска помош на самиот терен по што беше пренесен во болница каде е утврдено дека заработил скршеница на јаболчната коска и потрес на мозокот по кој тој не памети ништо поврзано со немилиот настан.

„За време на судирот Варга се здоби со потрес на мозокот и изгуби свест. Кога стигна во итната медицинска помош, тој веќе се освести, по што беше однесен во клиника во Штутгарт, каде по прегледот бил изготвен тераписки план според кој ќе биде опериран.

Нашиот напаѓач се здоби со повеќекратни фрактури на черепот на лицето, неколку помали и поголеми коски беа скршени, а некои беа дури и дислоцирани. По операцијата тој ќе биде задржан два дена, а доколку се биде во ред ќе биде пуштен во среда“, изјави докторот на унгарската репрезентација, Гергељ Панич.

Како и што претходно откри селекторот на Унгарија, Марко Роси за Варга Европското првенство е завршено.

Се вчитува...