Унгарија го приреди најголемото изненадување досега на Светското првенство во ракомет, откако во осминафиналето го совлада актуелниот олимписки шампион, селекцијата на Данска со 27-25. Хансен и другарите не очекуваа дека ќе наидат на толку силен отпор од Унгарија, која водеше во најголемиот тек од натпреварот, на моменти и со четири гола разлика. Данска се врати со серија во финишот и израмни на 23-23, но во завршницата сепак поснаодливи беа унгарските ракометари кои на крајот славеа со 27-25.
Роланд Миклер имаше 15 одбрани, а Мате Лекаи постигна шест гола за селекцијата на Унгарија. Микел Хансен беше најефикасен на мечот со осум постигнати погодоци, но данскиот голман Никлас Ландин имаше за него скромни десет одбрани.
Унгарија во четвртфиналето ќе го одмери силите со Норвешка, која беше убедлива против Македонија со 34-24.
Шведска немаше никакви проблеми во осминафиналниот дуел со Белорусија, славеше со 41-22 и закажа дуел со домаќинот Франција. Јим Готфридсон со осум гола и Никлас Екберг со седум гола беа предводници во составот на Швеѓаните на овој меч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА