ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Унгарските ракометари треба да бидат пресреќни што се спасија од пораз во синоќешниот трилер-дуел со Македонија. Сепак, фаворитите во групата не го кријат разочарувањето што одиграа под своите можности и не стигнаа до посакуваниот победнички старт на овој светски шампионат.
„Имавме проблеми да влеземе во ритам. Сакавме да се одлепиме, но кога и да имавме „плус еден и напад“, или грешевме или нивниот голман ќе одбранеше. Нападите на Македонците траеја премногу долго, имаше бројни фаули, но тоа секако не може да биде оправдување. Вистината е дека не успеавме да го скршиме нивниот отпор, одбраната ни беше добра, но во нападот не бевме на посакуваното ниво. Ова е Светско првенство, секако дека нема слаби ривали, но ние имаме право да бидеме разочарани бидејќи не успеавме да стигнеме до победата што ја посакувавме“, истакна искусниот плејмејкер Мате Лекаи.
„Добро го почнавме мечот, можевме да се одлепиме уште повеќе, но Македонците успеаја да се вратат. На паузата се договоривме да играме поцврсто во одбраната, да ги измориме, но тоа не се случи. Имавме свои шанси, не ги искористивме, а и во одбраната не бевме на нивото на кое посакувавме. Добивавме по две минути на секој втор напад, се обидувавме да не делуваме презагрижено и покажавме карактер“, додаде Зоран Илиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА