Уникаха без најефикасниот играч гостува кај Црвена звезда

Уникаха Малага е во големи проблеми пред утрешното гостување во Белград кај Црвена звезда, мечот кој ќе се игра во рамките од 24. коло во Евролигата. Шпанскиот состав патува без најдобриот поентер сезонава, Немања Недовиќ, кој поради настинка не е во можност да настапи. Покрај српскиот кошаркар, под знак прашалник е настапот на Гиорги Шермадини, играчот за ротација на центарската позиција, кој сезонава во неколку наврати се покажа како многу корисен за својот тим.

„Недовиќ е болен. Тој веќе три дена не тренира со тимот и утре нема да биде во можност да игра. Што се однесува за Шермадини, тој се уште чувствува болка во ногата, но дури утре ќе потврдиме дали ќе игра или не“, истакна тренерот Жоан Плаза.

До крајот на регуларниот дел од сезоната во Евролигата остануваат седум кола, Уникаха моментално стои на 10. позиција на табелата со 10 победи и 13 порази. Црвена звезда е две места подолу со девет победи и 14 порази.

 

 

Се вчитува...