Уникс и Димитријевиќ прокоцкаа +21 поен предност, па по продолжение спасуваа триумф за 3-1 во ВТБ-финалето

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ и неговиот Уникс Казањ дојдоа до предност од 3-1 во финалната серија во ВТБ лигата против Локомотив Кубан, благодарение на новата гостинска победа од 88-90 по продолжение.

Уникс имаше извонреден почеток на дуелот стекнувајќи предност на полувремето од 32-48. На стартот од третата четвртина Уникс Казањ токму со поените на Димитријевиќ стигна и до предност од +21 поен (32-53), но сето тоа успеа да го прокоцка до крајот на регуларниот дел од мечот во кој домашните стигнаа до 81-81, изнудувајќи продолжение.

Во 22. минута од натпреварот Уникс стигна до резултатскиот врв од 32-53, а потоа домашните започнаа силна дефанзива и сигурна игра во нападот, па на пет минути пред крајот на дуелот дојдоа и до израмнување (67-67). Сето тоа и откако претходно на 7 минути и 30 секунди до крајот, Димитријевиќ ја заработи и петтата лична грешка, па мораше да ја напушти играта.

Во последните пет минути се играше максимално израмнето со континуирана минимална предност на Уникс Казањ, за да на седум секунди пред сирената Акун-Пурсел постигне тројка за домашните за 81-81, носејќи го натпреварот кон продолжение.

Во продолжението тимот на Перасовиќ собра сили на крај за победа од 88-90 со која дојде до 3-1 во серијата која сега се сели во Казањ.

Најефикасни во победничкиот тим беа Џејлен Рејнолдс и Дарил Мејкон со по 18 постигнати поени, а Ненад Димитријевиќ, кој одигра само 25 минути, поради петте лични грешки заврши со 6 поени, четири скока и четири асистенции.

Се вчитува...