Управниот одбор при ФФМ покрај одредувањето на цените за влезниците за септемврискиот квалификациски меч со Лихтенштајн донесе уште неколку значајни одлуки…
–У.О. на ФФМ донесе одлука за назначување на Влатко Колев за селектор на македонската репрезентација до 17 години (генерација 2009). Влатко Колев е носител на тренерска Про лиценца со речиси две децении искуство во работата со младински категории во домашните клубови Вардар, Работнички и Металург. Два пати е прогласуван за тренер на годината во младински фудбал. Поранешен фудбалер од шампионските генерации на Вардар и Силекс, а настапуваше и за Македонија Ѓорче Петров. Во надежната репрезентација до 17 години доаѓа на местото на Драган Начевски кој својата тренерска кариера ја продолжи во кипарскиот фудбал.
– У.О. на ФФМ ја прифати оставката на Васко Скендеровски од функцијата селектор на македонската футсал репрезентација. Фудбалската федерација на Македонија му се заблагодарува на долгогодишниот предводник на футсал селекцијата за неговиот придонес и посветеност во развојот на македонскиот футсал. Газмент Исеини е назначен за нов селектор на футсал А македонската репрезентација. Исеини е тренер на актуелниот првак и Куп освојувач, Форца 2015, тим кој учествуваше во главната квалификациска рунда во Лигата на шампионите. Во изминатите години, беше дел од стручниот штаб во А футсал репрезентацијата.
– У.О. на ФФМ донесе одлука за распределба на дополнителни средства од солидарната шема на УЕФА за клубовите од Прва МФЛ за натпреварувачката сезона 2024/25. Средствата во висина од 101.000 евра ќе бидат распределени подеднакво на девет клубови од Прва МФЛ.
ФК Воска Спорт, ФК Гостивар и ФК Беса, клубови кои го откажаа учеството во лигата, нема да бидат вклучени во распределбата на средствата од солидарната шема на УЕФА.
– У.О. на ФФМ донесе одлука за поставување на два мини фудбалски терени (40×20) во Могила и Босилово. Со новите терени, донација од ФИФА, децата и младите фудбалери во населените места ќе добијат можност да тренираат и играат во современи услови, како и нивните врсници во поголемите градови.
– У.О. на ФФМ донесе одлука за раскинување на договорите за изградба и реконструкција на трибините на стадионите во Кичево и Охрид. Одлуката е донесена поради сериозни неправилности и непочитување на договорните обврски од страна на изведувачите. Исто така, Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за отпочнување постапка за избор на нов изведувач за изградба на трибината на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид и реконструкција на трибина на стадионот во Кичево.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

