УО на ФФМ: Првата лига ќе заврши со плеј-оф и плеј-аут, следната сезона ПМФЛ со 12 екипи

Согласно очекуваното, Управниот одбор на ФФМ денеска и официјално донесе одлука за продолжување на сезоната во ПМФЛ согласно форматот за кој се изјаснаа мнозинството прволигаши, со плеј-оф и плеј-аут, без испаѓање.

Како и што беше најавено донесена е одлука Првата лига следната 2020/2021 сезона да брои 12 екипи, дополнета и со првопласираните две екипи од двете второлигашки конкуренции, Беласица и Пелистер. Испразнатите места во Вторите лиги за следната сезона ќе се пополнуваат преку баражи од првопласираните од Третите лиги.

УО на ФФМ донесе одлука за прекин и на сите останати фудбалски натпреварувања во земјава, со исклучок на Првата македонска фудбалска лига.

ОДЛУКИТЕ ОД УО НА ФФМ ВИ ГИ ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

– Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Комисијата за натпреварување за продолжување на натпреварувачката сезона 2019/2020 од Прва МФЛ која беше прекината во поради епидемијата COVID-19.

Според предлог прифатлив за најголемиот број клубови од Прва МФЛ, Комисијата за натпреварување предложи, а Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот, натпреварувањето во Прва МФЛ да се продолжи во скратен систем на следниот начин:

Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-оф фазата се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) без испаѓање на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања.

По ова прашање, Управниот одбор на ФФМ, дискутираше за наводите од дописот доставен до федерацијата од ФК Силекс во кој се наведува дека „единствениот орган кој може да го смени Правилникот за натпревари е Собранието на ФФМ“.

Управниот одбор на ФФМ при донесувањето на одлуката за промена на системот на натпреварување го имаше во предвид Член 176 од Статутот на ФФМ во кој стои: „Во случај на виша сила и прашања кој не се регулирани со Статутот на ФФМ, надлежност за одлучување има Управниот одбор на ФФМ, кој при одлучување ќе ги земе во предвид правилата на ФИФА и УЕФА, позитивните законски прописи и начелото на право и праведност“ и Член 16 од Правилникот за натпреварување во кој стои: „Во случај Собранието да не може да се состане поради вонредни или оправдани околности, а причината за промена на системот е неопходна, Управниот одбор на ФФМ со 2/3 мнозинство има овластување да постапи и одлучува за промена на системот“.

Управниот одбор на ФФМ со потребното 2/3 мнозинство ја донесе одлуката. За одлуката 13 членови од У.О. гласаа „за“, еден член на УО беше „против“ и еден „воздржан“.

При донесувањето на одлуката за промена на системот на натпреварување во Прва МФЛ, Управниот одбор на ФФМ ги следеше и упатствата на УЕФА преку дописот од Европската фудбалска Асоцијација доставен до националните асоцијации, членки на УЕФА.

Во дописот од УЕФА стои дека националните асоцијации треба да се обидат да ја применат најдобрата опција за продолжување на клупските натпреварувања со цел да се овозможи правилно, по спортска заслуга, продолжување и завршување на европските и домашните натпреварувања.

УЕФА наведува дека идеално сценарио би било доколку националните шампионати би продолжиле и завршиле според првичниот/ оригинален систем за натпреварување, но доколку тоа е невозможно заради ограничената временска рамка (недоволно време за одигрување на преостанатите натпревари од националните натпреварувања, т.е. лига и Национален куп) би било подобро суспендираните домашни натпреварувања да се продолжат во различен формат на начин што сепак би им помогнал на клубовите да се квалификуваат по спортски заслуги во европските натпреварувања.

Важна содржина од дописот на УЕФА е дека Европската куќа на фудбалот го задржува правото да го одбие или оцени приемот / пласманот на било кој клуб во европските натпреварувања остварен преку предвремено прекинат домашен шампионат.

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Натпреварувачката комисија на ФФМ за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 од Втора МФЛ. Исто така, Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Натпреварувачката комисија во Прва МФЛ од натпреварувачката сезона 2020/2021 да се натпреваруваат екипите кои во моментот на прекинот на натпреварувачката сезона 2019/2020 се на првото место на табелата од Втора МФЛ – Исток и Втора МФЛ – Запад;

Местата во Втора МФЛ – Исток и Втора МФЛ – Запад  ќе се пополнат со одигрување на бараж натпревар помеѓу екипите кои во моментот на прекинот на натпреварувачката сезона 2019/2020 во Третите лиги се на првото место на табелата.

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за младински фудбал за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 во сите конкуренции;

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за женски фудбал за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 во сите конкуренции;

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за футсал за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 во сите конкуренции;

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за базичен фудбал за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 во сите конкуренции;

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука Редовното Годишно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија да се одржи на 20. или 27. јуни 2020. година во Скопје.

„Куќа на фудбалот“ ќе продолжи да ја следи епидемиолошката состојба во нашата држава, како и  да ги почитува сите препораки и мерки од координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Корона вирус CoVid-19.

Се вчитува...